ЛАЗАЊА од модри патлиџани
Состојки
- 2 модри патлиџани (средна големина)
- 150 гр мелено телешко/мисиркино месо/ВЕГЕ: 50 гр леќа и 100 гр печурки
- 1 кромид
- ½ морков
- 1 пиперка опционално
- 150-200 мл доматен сос
- 15 гр моцарела или чедар кашкавал
- Зачини: лукче во прав, оригано, бибер, пипер, буковец
Начин на припрема
Не ми треба скриена камера за да знам дека очите ти се ококорија кога прочита ЛАЗАЊА, нелииии!? Секако, на наш начин, здрава а сепак вкусна. Вклучи ја рерната да се загрева (на 220 степени) , а исецканите кромид,лукче,морков и пиперка стави ги во тавче на оган да се пропржат. Штом омекнат додај го меленото месо, зачини и остави да крчка (може и покриено со капак на средна температура ) па за 5 минутки додај го и доматниот сос. Додека ова се крчка (внимавај само да не ти испари течноста, ни треба за печење) а за тоа време исецкај ги модрите патлиџани на ленти . На хартија за печење во тавче почни да редиш прво слој модри патлиџани, па од смесата па пак ред модри патлиџани, процени си сама колку ленти имаш и колку смеса за да си ја стокмиш лазањата, препорачливо одозгора да ти остане ред модри патлиџани. Стави да се пече, од прилика некои 30 – тина минути, проверувај си. Кога веќе е при крај, изрендај кашкавалче или моцарела колку да се растопи, и твојот ручек е готов.
ЗА ВЕГЕ: Следи го основниот рецепт, со таа разлика што леќата свари ја и исцеди ја, па заедно со исецканите печурки треба да ги додадеш во тавчето каде што се пропржува кромидот со другите зеленчуци. Се друго по истите постапки како погоре.