Материјал 1 од 0
Во тек

10. ТОПЛИ ЧОРБИ И СУПИ

октомври 15, 2024

ЧОРБИ/СУПИ

Знам дека овој пат најблагодарни ќе ми бидат мајките и жените кои освен за себе, готват за целата фамилија. На листава подоле ќе успееш да пронајдеш здрави чорби, а колку се позастапени во неделното мени, толку подобро! Не секој има време за готвење, па затоа и манџите во основното мени се лимитирани, но тоа не значи дека е забрането да ги јадеш. Со секое ново отварање има поголем број на мајки и возрасни жени, а ова ќоше е посветено посебно за Вас!

Крем Супа од Тиква

Протеини: 8гр / Хидрати: 49гр / Масти: 1гр  Вкупно калории: 239

крем супа од тиква (2).JPG

СОСТОЈКИ:

  • 400 гр тиква
  • 2-3 моркови
  • 2 чешниња лук
  • 1 главица кромид
  • 1 л вода
  • сол и бибер, мешан зачин
  • малку цимет за посмелите или кари, но не во комбинација
  • 1 лажица грчки јогурт

ПРИПРЕМА:

Тиквата се сече на парченца и се става да се вари заедно со морковите. На страна се сече кромидот и лукот, па се пропржуваат. Од кога ќе се сварат се ставаат во блендер заедно со пржениот кромид и лук и се враќаат повторно во течноста во која се вареше тиквата да повријат уште малку. Се сервира со една лажица грчки јогурт. Есента не може да помине без оваа супа.

Највкусната Чорба од Домати

Протеини: 16гр / Хидрати: 44гр / Масти: 9гр  Вкупно калории: 319

Највкусната чорба од домати .jpg

СОСТОЈКИ:

  • 1 главица кромид
  • 2 конзерви свежи сечкани лупени домати
  • 500мл доматно пире
  • 500мл вода
  • 1 голема лажица стевиа
  • 2 пилешки коцки за супа, буљон
  • босилок, свеж исечкан или како зачин
  • магдонос
  • 1 парче моцарела

ПРИПРЕМА:

Кромидот се сечка и се пропржува на малку масло. Потоа се додаваат доматите од конзерва, исечкани, се пропржуваат па им се додава и доматното пире. Сега додади го шеќерот и двете коцки супа, па полеј уште пола литар вода и додади ги и останатите зачини. Остави да зоврие. Се служи во длабока чинија со малку моцарела да се растопи и свеж магдонос или босилок. На здравје!

Чорба од Кромид

Протеини: 17гр / Хидрати: 31гр / Масти: 12гр  Вкупно калории: 300

чорба од кромид.JPG

СОСТОЈКИ:

  • 3-4 главици кромид, исечкани на тенки ленти
  • целер и морков по желба, се пржат заедно со кромидот
  • 2 коцки говедски буљон
  • 500мл вода
  • 1 лажица црвен пипер
  • 1 мало лажиче стевиа, по желба
  • 50 гр моцарела 
  • 1 печено лепче, исечено како кубети

ПРИПРЕМА:

На малку масло во тенџерче се пропржува убаво кромидот, но не дозволувај да загори. Од кога ќе се испржи и добие убава карамелизирана боја додади ја и водата. Кога водата ќе почне да врие, додади го и говедскиот буљон заедно со црвениот пипер и промешај. Остави ја да проврие уште 5 мин, а потоа сервирај во длабока чинија со моцарела и домашните кубети. За мене кромидот е оној кој ги прави сите манџи вкусни, па ако го делиш и ти со мене истото мислење верувам дека ќе ти се допадне оваа супа. Брзо се прави, а одлична е и за вечера.

Супа од Печурки и Пилешко

Протеини: 83гр / Хидрати: 33гр / Масти: 13гр  Вкупно калории: 586

супа од печурки и пилешко.JPG

СОСТОЈКИ:

  • 200 гр пилешко, од цело пиле или стек
  • 2 моркови
  • целер
  • 2 чешниња лук
  • 500 гр печурки, исечкани
  • 1 главица кромид
  • мајчина душица или зачин по желба
  • 1 пилешка супа или буљон
  • 1 чаша млеко нискомасно
  • 1 или 2 чаши вода, густина по желба

ПРИПРЕМА:

Кромидот, морковот, целерот и лукот се пропржуваат на малку масло во тенџерче каде ќе се вари супата. Од кога ќе се пропржат се додаваат и исечканите печурки, и тие се пржат. Оваа супа е највкусна да се прави со готово пиле, но доколку сепак се одлучиш да ја правиш со стек можеш да го запржиш малку заедно со печурките, а потоа додади ја водата. Од кога ќе ја додадеш водата додади го и млекото заедно со зачините и буљонот. Оставаш да проврие уште малку. Идеална е за вечера или ручек. На здравје.

Кој тим си ти?

Доколку си жена, избери “жени“ доколку си маж, избери “мажи“ за да бидеш додаден/а во правата програма и група.