Материјал 1 од 0
Во тек

2. МАМА поздрав!

октомври 13, 2024

Здраво мајка!

Најнапред, да ти се заблагодарам што си овде!

Со купувањето на оваа програма веќе си го направила првиот и најголем чекор кон успехот! Сигурно оваа реченица очекуваше да ја прочиташ, нели?! Ајде сега да бидеме малку реални и да почнеме од почеток…

Здраво мајка! Благодариме што си овде, во првата MamaFit програма креирана од Aна Стојанова и Марија Циривири! Благодариме што одлучи да се приклучиш во нашата Армија на мајки, жени кои имаат иста цел како и твојата! Да направат нешто подобро за себе, за своето здравје.

Независно дали си мајка за прв пат, или ова ти е втора, или пак, трета бременост, стравот со кој што се соочуваш после овој период на промена е огромен. Серотонинот и кортизолот се во постојана борба да бидат усогласени, затоа и чувствуваш наплив на многу емоции истовремено: емоции на нерационален страв, на среќа… возбуда… на неизвесност. А покрај ова, во твојата прегратка  те чека едно мало суштество на кое ти-неговата мајка, си му најпотребна.

Независно дали до сега си била физички активна, или ова е прв пат кога практикуваш физичка активност, оваа програма е токму за тебе. Затоа и одлучивме малку да се издвоиме од стандардните InstaFit и InstaBooty предизвици. Да креираме програма наменета за мајки кои меѓу себе се поддржуваат и разбираат како никој друг.

Ајде да им покажеме на сите, најбитно себеси, дека она: “МАЈКА МОЖЕ СЀ” е апсолутна вистина!

Програмата трае 3 месеци!

Оваа програма е идеална за тазе породени мајки, кои после гинеколошкиот преглед на 6 недели, добиле дозвола од својот гинеколог да вежбаат. Но идеална е и за мајки кои претходно биле физички активни, бидејќи не дозволува телото да “прегори” со тренинзи со висок интензитет, туку совршено го подготвува истото, со градација и зголемување на интензитетот на вежбите низ трите месеци.

Во првиот месец вежбите се со низок интензитет, без скокање, за да се даде една убава основа, потпора на сите мускули во телото, со што би се подготвиле за поинтензивни тренинзи во понатамошните месеци. Исто така, тренинзите се наменети и за мајки кои имаат дијастаза, поради тоа што во првиот месец нема скокање, туку акцент е даден на зајакнување на стомачните мускули и мускулите на грбот. За мајки кои имаат дијастаза дополнително има бонус тренинг за дијастаза кој може да го вежбаат во текот на целата тримесечна програма!

Во вториот месец вежбите се со поголем интензитет, комбинација од вежби за сила, издржливост и HIT тренинзи, со можност за заменски вежби ако некоја мајка сѐ уште не се чувствува подготвена да го следи тој интензитет. Во овој месец ќе воочите најголема разлика во изгледот! Ова е месецот за губење најмногу калории!

А пак веќе во третиот месец се HIT со комбинирање на вежби за изолирани мускулни групи, или месец за зацврстување на телото при губење на обем!

Сите вежби се кратки и нема да одземат многу од твојот веќе доста полн распоред како тазе мајка!

Рецептите исто така се брзи и кратки, прилагодени за мајки што дојат, но и за оние кои не дојат да губат калории! Секој месец се добива ново мени, со 3 оброци, плус ужинки!

Во бонус делот ќе го разбиеме митот дека одредена храна која ја конзумираат доилки придонесува за грчеви кај бебето! Ќе зборуваме за сите промени кои се случуваат во телото по бременоста, од биолошки аспект! И многу други интересни содржини!

Иако за крај, знај нешто најбитно! 

Низ оваа прва програма ќе научиме да си го слушаме телото, да се слушаме себе си. Нашето тело е единственото нешто во кое треба да живееме цел живот и, на крајот на денот, иако не изгледа така и можеби звучи себично на почеток, ние сме најбитни! Ако ние сме среќни и задоволни, ако имаме енергија добиена преку здрава храна и вежбање, тоа ќе го рефлектираме секаде и секому, а најмногу ќе се рефлектира врз нашите деца!

 Запомни, вистина е, СРЕЌНА МАЈКА=СРЕЌНО ДЕТЕ!!!!

Кој тим си ти?

Доколку си жена, избери “жени“ доколку си маж, избери “мажи“ за да бидеш додаден/а во правата програма и група.